
Владата ќе бара нови консултации со ЕК за квотите за челикот
Секретаријатот за европски прашања ќе бара консултации со ЕК во врска со квотите за извоз на челик и алуминиум од Македонија. Заради усогласување на решенијата од воведувањето на заштитните мерки, најдоцна до 20-ти јануари ќе се организираат средби со засегнатите компании од анти-дампинг постапката за челични производи што ја отвори ЕУ.
Ваквата одлука следи откако Владата 3 дена ја убедува јавноста дека ограничувачките квоти за челикот нема да нанесат штети на фирмите ниту пак врз севкупната економија.
Премиерот Заев и денеска порача дека не е потребна паника. Квотите не треба делуваат демотивирачки, Македонија блеска во очите на ЕУ, рече тој, бидејќи решенија може да се најдат.
„Компаниите генерално се плашат една од друга некој да не го зафати делот и на други компании и ние тука може да менаџираме. Им стоиме на располагање, да им бидеме сервис. Имаме и дополнителна квота, таа глобалната, која доколку било која земја не ја искористи ние да можеме дополнително да ја искористиме. Ги охрабрувам да продолжат со своите планови, ќе се изнајде решение“.
Фабриките извозници на челични цевки и лимови не го делат ваквиот оптимизам. Ниту Владата може да се меша во делењето на квотите ниту пак велат има гаранции дека ќе остане нешто од глобалната квота за Македонија.
По Макстил, денеска и најголемиот производител на цевки кој учествува со 90% во извозот на овие производи за Телма рече дека со ограничувачките квоти ќе бидат принудени да работат по принципот тргни застани. Оваа година нивниот извоз тежи 180 000 тони, па ако вкупната квота за цевки е 110 000 тони годишно, тоа за нив ќе значи 70 000 тони помал извоз или 45 милиони евра помал приход.
Привремените мерки од ЕУ ги принудиле во декември да работат со 30 % од производствениот капацитет, а во јануари ќе се работи со 20%. Ќе се произведува помалку, велат од таму, ќе се зголемат трошоците и ќе се намалат инвестициите.
Цевкарите велат дека на земјава и се прави голема неправда бидејќи тие се и предмет на анти-дампинг истрагата на ЕУ заедно со Русија и Турција која предвидува нови царини за макеоднскиот извоз. Вчера и синдикатите на вработените во индустријата алармираа дека првиот удар ќе се почуствува уште на пролетта, за 30-40 % ќе се намали производството,а на исто толку работници ќе им биде загрозен статусот.
Виолета З Стојановска