Владата го задолжи МВР да утврди одговорност за литијата во Струга

МВР да утврди одговорност на масовниот верски обред кој вчера се одржа во Струга, е епилогот од владината седница свикана попладнево по повод литијата кој ги прекрши клучните мерки донесени за заштита од панедмијата. Иако имаше предзнак итна и траеше неколку часа, со најава дека на неа ќе бидат разгледани можните последици од настанот во Струга и согласно препораките на здравствените власти ќе се преземат соодветни мерки за превенција од ризикот по здравјето на граѓаните на општина Струга и на регионот, како и за можното прелевање на ризиците и во други делови на земјата, владата седницата ја срочи во штуро соопштение од две реченици, во пакет заедно со прославата на Денот на полицијата.

„Владата на Р.С. Македонија го задолжи МВР, веднаш да го испита случајот со одржувањето на верскиот настан во текот на вчерашниот ден во Струга, како и прославата организирана од МВР по повод Денот на полицијата, кои претставуваат сериозно непочитување и прекршување на воведените забрани од страна на Владата, да утврди одговорност и да се преземат соодветни мерки кон одговорните лица и за истото да ја информира Владат“, се наведува во соопштението.

Литијата во Струга организирана од МПЦ, на која имаше масовно присуство на свештени лица и на граѓани и во присуство на полицијата не беа почитувани уредбите за не собирање во групи од повеќе од двајца, држење дистанца и носење на маски, иако предизвика бурни рекации на јавноста и е една од причните ИВЗ да донесе одлука на 12 мај да ги отвори џамиите, по принципот – ако можат тие, можеме и ние – властите засега, и 24 часа по настанот, само повикуваат да се испита случајот и да се санкционираат организаторите и оние кои дозволиле тој да се одржи. Во истовреме таа има очекувања од верските заедници.

„Очекуваме и бараме, и од МПЦ и од ИВЗ, да не преземаат никакви следни чекори по однос на организација на какви било собири од верски карактер, се додека забраните и мерките за заштита на здравјето се на сила“, се наведува во владината реакција.

Освен очекувања, има и разочарување од верските заедници, барем така изјави дека се чуствува премиерот Оливер Спасовски.

„Очекував дека верските заедници ќе имаат поизразито чувство за животот и здравјето на граѓаните и како човек сум длабоко разочаран од постапката која што се направи вчера во Струга“, изјави Спасовски.

Спасовски инаку пред само три недели лично и даде ветер во грб на МПЦ кога таа организираше причест со иста лажичка, спротивно на препораките на здравствените власти, велејќи дека државата не може да се меша во неприкосновеното право на практикување на верата.

Одговорност за вчерашната масовна верска литија во Струга побараа и политичките партии, но не од МПЦ, туку од различни полициските функционери.

„Полицијата беше присутна на настанот и воопшто не реагираше. Со оваа нодговорност Чулев стана соучесник во загрозувањето на здравјето на граѓаните“, изјави Костадин Костадинов, од СДСМ.

„Треба да се добие исто така изјава и од началникот на МВР во Струга, Дритон Ајро, и сметаме дека началникот треба како прв човек на Министерството во Општина Струга да ја даде својата изјава и извештај“, изјави Антонио Милошоски, од ВМРО-ДПМНЕ.

Бурата која ја предизвика литијата во Струга и веднаш потоа најавата на ИВЗ дека ќе ги отвори џамиите, им фрли вода во очи на граѓаните кои два месеци ги почитуваат мерките за заштита од пандемијата и засега се сведува само повици за одговорност.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ