
Владата го усвои Предлог-законот за Јавно обвинителство и ќе го прати во Собранието
Владата на Република Северна Македонија на денешната 146-та седница, со која претседаваше премиерот Заев, го усвои новиот текст на Предлог – законот за Јавното обвинителство и е донесена одлука да биде испратен на усвојување во Собранието со европско знаме и во скратена постапка.
Министерството за правда предложи, а Владата на РСМ денеска прифати во собраниска постапка да биде пуштен и Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија заради терминолошко усогласување со Предлог Законот за Јавно обвинителство.
На оваа своја седница владата ја усвои информацијата за учество на делегацијата на Република Северна Македонија на 43-тиот состанок на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Баку, Азербејџан и уште еднаш ја реафирмираше определбата да се зачува статусот на Охридскиот регион како светско наследство впишано во листата на УНЕСКО.
Во таа насока, на денешната седница Владата донесе одлука да го повлече Законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион и им препорачува на општините од регионот да прогласат мораториум на градежните активности до донесување на Планот за управување со природното и културно наследство.