
Владата го стега обрачот околу менаџерите, повисоки давачки со измените на Законот за добивка
Владата го стега обрачот околу менаџерите, нема помали давачки преку делење високи плати, со измените на законот за данок на добивка, кои ги подготви Финансии и веќе ги постави на ЕНЕР. Ако највисока основица за плаќање придонеси е 16 просечни плати, што значи тие се плаќаат максимум до месечна нето плата од околу 5.800 евра, иако вработениот можеби земал плата од 10 или 20 илјади евра, со измените основицата за придонеси останува 16 плати, но на разликата до платата што ја зема вработениот, ќе се плаќа данок на добивка од 10 отсто.
- Поради постоењето случаи на користење на законската можност за исплата на високи износи на вработените на име деловна успешеност, за која се плаќаат придонеси само до највисоката основица за придонесите ( 16 просечни плати), како начин на пренесување на дел од добивката без да се плати данок, се оцени дека е потребно да се утврди лимит над кој исплатата на деловната успешност ќе има третман на непризнат расход…“, се наведува во измените.
Измените стартуваат од идната година. Бизнисмените велат дека тоа ќе им ги зголеми трошоците, иако се свесни дека Владата сака да го спречи испумпувањето пари од фирмите.
- Некои компании, ова ќе го кажам храбро, ова го користеа како начин да перат пари, бидејќи и да земаа плати од 300 или 400 илјади евра, плаќаа придонеси до 16 плати, а се друго им беше нето пари. Јасно е дека сега државата сака да ги оданочи овие пари“, вели Миле Бошков од Бизнис конфедерација на Македонија.
Заврши времето на комфор и можноста да се обезбеди повеќе кеш, вели Бошков, Владата со ова праќа порака до компаниите дека вака веќе нема да можат да функционираат.
- Тоа за менаџерите и компаниите ќе значи нов трошок, оптоварување со нови даночни стапки. Дефинитивно наградувањето ќе биде оптоварено со даночен трошок, тој што ќе сака да дава награди за одредени зделки, тоа ќе може да го прави но со плаќање данок“, вели Бошков.
Колкави ќе бидат додатните оптоварувања, ќе биде различно кај секоја компанија.
Нина Нинеска Фиданоска