
Владата го поздрави барањето на челниците на ЕУ за старт на преговори со Северна Македонија и Албанија
Владата денеска го поздрави писмото што претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, неговата наследничка, Урсула Фон Дер Лејен и претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли го испратија до земјите членки на ЕУ, со кое бараат започнување на пристапните преговори за членство во Унијата со Северна Македонија и Албанија.
Писмото претставува афирмација за реформските политики кои оваа Влада ги спроведува и е уште поголем поттик во нашата работа за обезбедување на сигурна и европска иднина за граѓаните на Република Северна Македонија,
се наведува во реакцијата на Владата.
Во писмото челниците на ЕУ потсетуваат дека земјите членки се заложија во јуни да се навратат на прашањето и да донесат суштинска одлука по ова прашање во октомври.
Европската Унија стои пред стратешки избор. Одлуката за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија е тест за способноста на Унијата да ги испорача своите ветувања и да гледа кон иднината. Го направија тоа што го побаравме од нив. Исполнувањето бараше значаен напор од нивните граѓани за кои европската перспектива е голем извор на мотивација и одлучност,
пишуваат европските челници и потенцираат дека сега на потег е Унијата да преземе чекор.
Пишуваат и дека нема гаранција за успех во преговарачкиот процес, но и дека голем реформски напор ќе биде потребен двете земји да станат полноправни членки. Одлуката за почеток на преговори, ЕУ треба да ја донесе на 15 октомври.