
Владата го демантира Ројтерс за погрешно пренесено интервју од Заев
Македонија поддржува четири имиња како можни решенија за спорот околу името.
Сугестиите се Република Северна Македонија, Република Горна Македонија, Република Вардарска Македонија и Република Македонија (Скопје), соопшти премиерот Зоран Заев за Ројтерс во Лондон, каде присуствуваше на инвестицискиот самит за Западниот Балкан.
Заев запрашан дали Грција ќе биде среќна со некое од овие предлози одговорил:
„Да… некои опции повеќе ги преферираат, а некои не“.
Тој притоа вели дека останува отворено прашање дали постои „вистинска потреба“ за промена на Уставот на Македонија, како што бара Грција.
Ројтерс го цитира Заев дека се надева сепак е можно да се најде решение за Уставот, но оти мора да се води грижа за дигнитетот и идентитетот на двете страни.
„Ние сме подготвени за промени (на Уставот). Тие не би биле многу бидејќи тоа е многу тешко“, го цитира Ројтерс Заев.
„Грција нема регион ’Република Македонија’, тие се Република Грција. А внатре (во нашата земја) како го користиме тоа за да комуницираме, од министри до општини и други институции, е навистина наше право и нема импликации врз никого“, изјави Заев за Ројтерс.
На вака пренесената изјава на Заев од агенцијата Ројтерс веднаш стигна демант од македонската Влада.
„Кабинетот на претседателот на владата на Република Македонија категорично тврди дека премиерот Заев нема искажано таков став во интервјуто за Ројтерс. Наместо тоа, премиерот Заев на прашање на новинарот на Ројтерс одговара дека Република Македонија е подготвена да направи промена во врска со името, но не може да се оди предалеку, бидејќи тоа е многу тешко прашање“, се наведува во реакцијата на Кабинетот на Заев.
Иако реакцијата од Кабинетот на Заев стигна експресно по објавувањето на веста од страна на Ројтерс, но на официјалната страна на светската агенција се уште не е сменета изјавата на Заев.
За грчките позиции пак околу спорот за името денеска се огласи портапорлот на грчката влада Димитрис Ѕанакопулос, кој повтори дека нивните позиции и предуслови се јасни, а соседната земја е таа што треба да покаже волја и расположение за договор, во спротивно нема да има решение.
Тамара Грнчароска