Владата ги  „замрзна“ цените на  лимон, портокал, мандарини, грејпфрут и клементина

Владата  на денешната седница донесе Одлука за замрзнување на цените на лимон, портокал, мандарина и грејпфрут и клементини, соопшти Министерството за економија откако имало зголемен број на пријави од граѓани дека цената на лимонот достигнала 180 денари за килограм. Според ресорот Одлуката е со цел да се надмине злоупотребата на моменталната состојба на пазарот за да се заштитат потрошувачите во услови на зголемена побарувачка на пазарот на овие производи и цената да се врати на нормално ниво. Одлуката се носи откако инспекторите констатирале дека набавната цена на лимонот е 35 денари за килограм, а трговците во малопродажба лимонот го продаваат по цена од 180 денари.

„Според Одлуката за посебни услови за трговија на одделни стоки се определува највисока трговска маржа на овие производи за трговски друштва и трговец поединец која се применувала во периодот од 1 јануари 2020 година до 11 март 2020 година кога од страна на Светската здравствена организација (СЗО) беше прогласена пандемија на Коронавирусот COVID- 19.“- стои во соопштението.

Оваа маржа ќе важи до 30 април 2020 година.

„Според податоците добиени од Царинската управа на Северна Македонија за период од 11.03.2020 година до 19.03.2020 година увозната цена на портокалите се движи од 15 денари за килограм до 29,7 денари за килограм. Најизразена е маржата кај лимоните со оглед на тоа што увозната цена се движи од 32,3 денари по килограм до 45 денари по килограм. На ден 19.03.2020 година увозната цена на лимонот била 35 денари по килограм, а малопродажната цена достигна и до 180 денари по килограм.“- соопшти Министерството за економија.

Одлуката ќе стапи на сила откако ќе биде објавена во „Службен весник“.

„Апелираме до сите граѓани кои во трговските објекти ќе увидат енормно зголемување на овие производи да пријават во Државниот пазарен инспекторат. Казните за оние кои ќе ги прекршат Одлуките на Владата се движат до 5.000 евра, па и казна затвор согласно членовите 205 и 206 од Кривичниот законик.“- стои во соопштението.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ