Владата да се откаже од повисоките приходи за да ги заштити граѓаните и фирмите од скапиот бензин

Доколку трендот на раст на цените на нафтата на светските берзи продолжи и натаму, Владата треба да размислува за мерки како да го ублажи ударот врз компаниите и граѓаните, односно за намалување на акцизата, сугерираат експертите. Прашање е дали власта ќе биде подготвена на ваков чекор, да се откаже од повисоките буџетски приходи кои доаѓаат од поголемите приливи од данокот на додадена вредност.

„Ова е работа на математики. Ако во збир, заради трендот на зголемување на акцизата, плус ДДВ, се очекуваат дополнителни 30 милиони евра, сега заради растот на цените, зголемувањето на приливите од ДДВ ќе биде значително повисоко. Ако се вратиме на тие 30 милиони евра, и ако сега има повисоки приливи од ДДВ, Владата може да ги искористи тие повисоки приливи од ДДВ за намалување на акцизата, и пак да остане во рамките на тие 30 милиони евра. Прашањето е дали тоа се сака од фискален аспект, државата дали сака такви позиции. Ова сигурно ќе ги зголеми буџетските приходи, но од друга страна, зголемените цени ќе влијаат на намалување на потрошувачката на гориво“, вели Павле Гацов, даночен експерт.

Тоа значи дека Владата би требала да направи комплексни пресметки. Нејзина треба да биде проценката дали ќе сака да го заштити стандардот на граѓаните, или е поважно собирањето на приходите во буџетот. Зголемените цени на бензинот сигурно ќе влијаат на пораст на трошоците на работење на фирмите.

„Оние што условно речено имаат поголемо финансиско сало, ќе го издржат ова, но оние што работат мали маргини, моѓеби ќе имаат потреба да ги зголемат цените. Ако ова потрае подолг рок, ќе има секако влијание на зголемување на цените и инфлацијата. Кај граѓаните ова влијае на намалување на богатството и зголемување на сиромаштијата“, вели Гацов.
Граѓаните велат дека скапиот бензин веќе влијае врз зголемување на цените и го намалува стандардот, но со различни размислувања што може да направи Владата.

Цените на суровата нафта во петокот достигнаа 80 долари за барел, што е наголемо ниво од ноември 2014 година, а во моментов цената на нафтата брент е 78,5 долари за барел. Аналитичарите проценуваат дека растот ќе продолжи поради неповолните геополитички движења и намалување на производството во САД. Американската банка „Морган Стенли“ најавува дека до 2020 година барел нафта ќе чини 90 долари за барел.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ предложи акцизата на дизелот и на црвената нафта да се намали за три денари, со што таа би се вратила на нивото пред Владата да ја зголеми, со образложение да го намали загадувањето. За власта овој предлог не е прифатлив, велат дека зголемената акциза влијае само со 6 отсто врз цена на дизелот.

На вчерашната дебата на собраниската комисија за финансирање и буџет, пак, најголемо внимание предизвика изјавата на пратеничката од СДСМ, Мира Стојчевска, која рече дека зголемувањето на акцизата на дизелот нема да ги погоди сиромашните, бидејќи 60 отсто од сиромашните домаќинства немале автомобил. Тоа предизвика жестоки реакции на социјалните мрежи, кои сметаат дека нејзиниот став е навредлив за најголемиот дел од граѓаните, и несоодветен за левичарска власт, дотолку повеќе што станува збор за пратеничка која е на врвот на листата народни избраници кои наплатиле најголеми суми патни трошоци од државата.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ