Владата бара Мицкоски да не врши притисок врз институциите

Владата денеска преку соопштение информира дека опозицијата преку претседателот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, врши притисок врз институциите при што организираните активности за враќање на македонските граѓани во нашата земја и за нивно сместување во државни карантини ги нарекува „уништување на државата”.

„Имено, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ синоќа со директни пораки преку апликацијата Телеграм упати неосновани обвинувања и притисоци врз генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, квалификувајќи ги владините активности како „срамота”, а луѓето кои ги организираат активностите како „лопови” и во исто време клеветејќи за „добивање провизии“ за организацијата на авионскиот и автобускиот превоз“, се вели во владиното соопштение.

Владата во реакцијата на обвинувањата од лидерот на опозицијата, во целост ја објави и комуникацијата со која Мицкоски комуницирал со Рашковски, како и сите информации, постапки и договори преку кои се врши организацијата на превозот за нашите граѓани од земјите во странство земјава, транспортот од аеродромот до објект/хотел утврден како државен карантин и сместувањето во државниот карантин.

Владата притоа во соопштението го повика претседателот на ВМРО-ДПМНЕ внимателно да ги погледне презентираните факти, да престане да врши притисок врз институциите, да престане да шири клевети дека помошта за граѓаните е срамотна и да ги употреби партиските ресурси кои се дел од техничката Влада и кои гласале „за“ ваквата помош за граѓаните, за вистински да помогне на земјата и на народот во овие тешки времиња.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ