
Владата бара брзо решение за кучињата скитници, НВО велат тоа е невозможно
Проблемот со големиот број бездомни кучиња нема да се решава со политики на долг рок, пресече Владата. Се бара брзо и системско решение, но на хуман начин. Ќе се почне со промена на законите. Се уште не се знае како ќе се измени Законот за здравствена заштита и благосостојба на животните.
Владата прво ќе ги седне на маса градоначалниците и активистите и тогаш тие ќе се договорат што треба да се се додаде, а што да се тргне од текстот.
Од Анима Мунди потврдија дека ќе присуствуваат на средбите. Тие веќе имаат подготовено предлози за измена на Законот и ќе им ги предочат на надлежните. Според нив, фокусот треба да се стави на зацврстување на одговорното сопствеништво и размножувањето на кучиња.
Наспроти уверувањата на Владата дека станува збор за хумано решение, активистите за заштита на правата на животните стравуваат под брзо решение на проблемот да не се подразбира еутаназија на уличните кучиња.
Моментално во Македонија не се знае – кој ги размножува кучињата, кој ги продава, ниту пак кој ги купува. Нема ниту една регистрирана одгледувачница.
Според невладините, голем дел од проблемот се дивите одгледувачници каде се одгледуваат кучиња за борба. Тие откако ќе се остарат и не се способни за борба, завршуваат на градските улици.
Петар Догов