Влада: Решение за името е можно

Изнаоѓањето взаемно  прифатливо решение е можно и за таа цел во тек е преговарачки процес, потребна е добра волја и компромис од двете страни да се дојде до решение кое ќе ги почитува достоинството и идентитетот на граѓаните на двете држави, одговараат од Владата по интервјуто за Еуроњуз на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас. Шефот на грчката дипломатија вели дека Атина веќе го подготвува теренот за Грците да го прифатат сложеното име но од другата страна не постои иста таква подготовка, но македонската влада твди дека јавноста е целосно информирана.

„Уште чекаме од Скопје, конечно да излезе, јавно да каже која ќе биде придавката пред именката и да го објаснат тоа на нивниот народ. Ние го подготвуваме јавното мислење и како што гледате имаме и потешкотии. Не гледам дека и другата страна прави иста подготовка и тоа ме загрижува,“ вели Никос Коѕијас – Министер за надворешни работи на Грција.

Во однос на одредницата и сложеното име, Коѕијас објаснува дека грчката влада ги преферира придавките што имаат „словенска нијанса во нивната фонетика“. По средбите на Нимиц со македонскиот врв во Скопје, Коѕијас имаше телефонски разговор со медијаторот кому му потенцирал дека „не е надлежен да говори за политиката на Атина“, а преговорите треба да се водат врз база на она што било договорено во Давос.

„Се чини дека некои во Скопје, на пониска функција од премиерот, одново размислија и овие размислувања, господинот Нимиц сметаше дека се важни. И требаше да го потсетам дека она за што се согласија двајцата премиери важи за сите,“ вели Никос Коѕијас – Министер за надворешни работи на Грција.

Грчкиот министер за надворешни зборувајќи за опсегот и усвојувањето на промената на името, вели дека треба да бидат на начин на кој ќе го олеснат влезот на земјата во организациите што таа посакува да стане член.

Зборувајќи за ставот на Грција во однос на прашањата за идентитетот и јазикот, Коѕијас рече дека за се се преговара а грчката страна својот став за овие прашања, самата ќе го соопшти во текот на преговорите.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ