
Влада: Ограничувања за движење во Куманово, се запираат дејствија на извршителите, уредба за набавка на 2000 маски дневно
Владата на Република Северна Македонија на денешната 27 седница ја дополни Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија со забрана за влез и излез од и во подрачјето на територијата на општина Куманово со градски и меѓуградски патнички и железничкиот патнички јавен превоз.
Согласно ова, со Одлуката за дополнување на Одлуката за забрана и посебен режим на движење во општина Куманово, им се препорачува на економските оператори што имаат големи производствени и продажни капацитети на подрачјето на територијата на општина Куманово да го приспособат своето работење со редуциран број на вработени, имајќи ја предвид забраната за влез и излез од и во подрачјето на територијата на општина Куманово со градски и меѓуградски патнички и железнички патнички јавен превоз или целосно да ги затворат производствените и продажните капацитети.
Владата усвои и Уредба со законска сила за примената на Законот за туристичката дејност за време на вонредна состојба.
Уредба со која туристичките агенции ќе издаваат ваучери во вредност на сумата уплатена за аранжманот кој бил откажан како резултат на кризата со Коронавирусот.
Со оваа мерка на туристичките агенции ќе им се овозможи да издаваат ваучери на клиентите во износ на уплатената сума којшто може да се искористи за било кое следно патување заклучно со 31.12.2021 година.
На тој начин клиентите кои поради настанатата ситуација со кризата од Корона вирусот ги откажале своите аранжмани нема да ги изгубат уплатените средства на износот што го уплатиле, а во исто време туристичките агенции би можеле да го издржат финансискиот товар кој би се распределил на подолг временски период. Издавањето на Ваучерите ќе биде унифицирано за сите агенции и ќе се реализира со согласност од двете страни, односно Туристичката Агенција и патниците.
Владата денеска усвои и Уредба со законска сила за интервентна набавка на заштитни маски со цел спречување на последиците од корона вирусот (covid-19) за време на вонредна состојба, според која, Законот за јавните набавки (“Сл.Весник на РМ бр.24/19) ќе се применува за време на постоење на вонредната состојба.
Со оваа Уредба (Член 2) со законска сила се уредува прашањето за интервентна набавка на заштитни маски со цел спречување на последиците од КОРОНА ВИРУСОТ (COVID-19) за време на вонредна состојба во Република Северна Македонија.
Во Член 3 се вели дека:
Владата на Република Северна Македонија ќе спроведе интервентна набавка на минимум 2000 заштитни маски дневно за потребите на Република Северна Македонија од домашни производители.
Интервентна набавка на заштитни маски може да биде со материјал погоден за производство на заштитни маски на економскиот оператор или со материјал погоден за производство на заштитни маски обезбеден од Владата на Република Северна Македонија.
Предмет на набавката ќе биде производство, пакување и дистрибуција до институции кои имаат потреба од заштитни маски.
Владата денеска донесе уредба со законска сила за запирање на примената на Законот за извршување, со која се запира примената на Законот за извршување, до 30 јуни 2020 година, освен доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.