Државата ќе покрие половина од долговите на општините

Државата ќе покрие 51 % од долговите на општините. Заклучно со септемрви оваа година тие пријавиле долг од 97,5 милиони евра што значи дека со ребалансот на буџетот, на сметката на општините ќе легнат вкупно 48,8 милиони евра. Со овие неповратни средства се очекува тие да ги подмират обврските кон добавувачите што пак ќе помогне за локален економски развој. Општините ќе мора да се научат домаќински да работат, велат од Владата, бидејќи останатите 49 % од долгот ќе мора сами да си го сервисираат.

„Сега има простор да им помогнеме, во моментов го решаваме долгот. Овие 51 % се сериозна помош, втора можност за нив нема да има, кажа Драган Тевдовски  – Министер за финансии.

Во обид да се сопре натамошното трупање на долговите, општините ќе добијат ограничување при креирање на буџетите за следната година.

„Општините ќе планираат 10 % поголеми приходи од просекот во последните 3 години, може да го надмине само ако има потврда за трансфер на средства, во спротивно, нема да добијат одобрение за буџетот од Министерството за финансии“, кажа Сухејл Фазлиу  – Министер за локална самоуправа.

Најголем долг од 8 милиони евра има општина Охрид, потоа Тетово со 7,6 мил. евра, Карпош со 4 мил. евра и  Куманово со 2 милиони. Вкупниот долг на јавниот сектор пак изнесува 307 милиони евра и тој е за 56 милиони евра помал од пријавениот долг во мај.

Виолета З Стојановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ