
Висока владина делегација ја одбележа двегодишнината од Преспанскиот договор
Денеска во Преспа на македонска страна, владина делегација симболично ја одбележа две годишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор, со кој се реши 3 деценискиот спор за името меѓу Македонија и Грција.
Премиерот Оливер Спасовски рече дека светски лидери го прогласија договорот за големо дипломатско достигнување, а на Македонија и се отворија евроатлантските перспективи.
Економскиот дел од Преспанскиот договор предвидува повторно отворање на граничниот премин Маркова нога, кој е затворен повеќе од 50 години. Жителите на Преспа велат дека со подигање на рампата, очекуваат да се подобрат социјалните и економските врски, да се развие туризмот и да заживее регионот
За отворање на преминот обезбедени се 4,5 милиони евра пари од европските фондови за прекугранична соработка, а до скоро интензивно се одвиваа разговорите меѓу двете групи од Грција и Македонија кои ги координираат активностите.
Но промената на власта во Грција и пандемијата ја забавија динамиката.
Во Преспанското село Љубојно, владината делегација заедно со истакнати македонисти, го посетија разурнатото училиште „Димитар Влахов“, каде во 1944 година се одржал првиот час на македонски јазик во Преспа и дебатираа за идејата овој објект да се стане Центар на македонскиот јазик.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој беше премиер во времето на потпишувањето на Преспанскиот договор, ја поддржа оваа идеја и рече дека овој документ ја гарантира иднината на македонскиот идентитет и јазик.
На одбележувањето на 2 годишнината од преспанскиот договор немаше претставници од грчка страна, но од Владата посочија дека поради пандемијата, патувањата и средбите се случуваат само кога е неопходно.
Емилија Мисирлиевска