
Висок тон и меѓусебни обвинувања на Комисија за надворешни работи
Кавги, меѓусебни обвинувања и тензична атмосфера на Комисијата за надворешни работи на која отчет за работата даваше министерот Никола Димитров. Трпението ги напушти пратениците по едночасовното излагање на министерот кого го услушаа со внимание, без да го прекинуваат, но страстите ги разгоре барањето на Артан Груби од ДУИ за пауза, за да му се достави стенограм од говореното.
Пауза немаше, но се смени и атмосферата. На сцена стапи високиот тон со обвинувања кој, што и колку направил за европските интеграции и државата.
Димитров во обраќањето зборуваше за ЕУ при што побара од опозицијата да помогне за носење на законот за ЈО, за досието на Македонија за датумот да биде целосно чисто. Тој реферираше и за состојбите во МНР и во дипломатијата, за што рече дека наследил комплицирана ситуација која допрва ќе ја средува, делумно и со измени на Законот за МНР кои се подготвуваат. Димитров зборуваше и за тоа дека дел од обврските од Договорот од Преспа се поврзани со пристапувањето на земјава кон ЕУ, за што од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ беше обвинет дека Македонија го прекршила Преспанскиот договор на сопствена штета и направиле повеќе од потребното.
Тамара Грнчароска