
Вишото обвинителство барало Апелација да ја потврди ослободителната пресуда за Заев
Скопското вишо обвинителство барало Апелација да ја потврди ослободителната пресуда за случајот „Поткуп“ против премиерот Зоран Заев. Тоа може да се заклучи од образложението на второстепената пресуда во кое не само одбраната на премиерот, туку и вишиот обвинител барал да се одбие жалбата на обвинителството за организиран криминал, кое незадоволно од ослободителната пресуда летоска поднесе жалба со која бара да се укине пресудата и предметот да се врати на повторно судење во кривичниот суд.
Кои биле прилчините поради кои вишото обвинителство има поинаков став од основното во пресудата не се наведени.
Од прес службата на обвинителството велат дека законска надлежност на вишото обвинителство е да даде мислење кое може да биде и поинакво од основното и дека не е обврзувачки за судиите, но причините за ваквиот став не ги откриваат .
Пресудата е објавена днеовиве, а образложението е на 4 страници и во него Апелација како и кривичниот суд потврдува дека поради преквлалификација на обвинението снимките од посебните мерки повеќе не можеле да бидат користени како докази. Како круцијален доказ останало сведочењето на бизнисменот Иван Николов. Апелационите судии оценуваат дека имало отстапувања и разлики во исказите на Николов чие сведочење го оценуваат како неконзистентно, несигурно и дека ја доведува под сомнение неговата веродостојност и валидност.
„Имајќи го предвид горе изложеното, овој суд цени дека првостепениот суд донел правилна и законита одлука односно пресуда, согласно чл.403 ст.1 т.3 од ЗКП, со која го ослободил од обвинение обвинетиот за кривичното дело што му се става на товар. Ваквата одлука на првостепениот суд е резултат на тоа што јавниот обвинител не успеал да докаже надвор од разумно сомневање дека обвинетиот Зоран Заев сторил кривично дело Примање поткуп од чл.357 ст.2 од КЗ, се вели во пресудата.
Ослободителната пресуда беше донесена во мај минатата година. Судиите од Апелација ги разгледувале жалбите на нејавна седница на 26 декември 2018, а е јавно објавена дури на 1 април 2019.
Елена Ивановска Мукоска