
„Висат“ ли владините уредби кои требаше да траат и по вонредната состојба?
Владата и дел од експертите со различно толкување дали ќе важат Уредбите кои би требало да траат и по престанокот на вонредната состојба. Според експертите кои ги консултираше „Телма“, правното дејство на Уредбите престанува со престанокот на вонредната состојба. Ова практично би значело дека ако претседателот Пендаровски не донесе одлука за продолжување на вонредната состојба и после 16 мај, бизнисот нема да види ниту денар од 14.500 денари државна помош за исплата особено на мајската плата за која рокот за аплицирање е до 7 јуни. Виси и уредбата за субвенционирање на 50 проценти од придонесите, за враќањето на отпуштените работници и многу други, но ќе треба да продолжи и извршувањето, но и учебната година.
Трендафил Ивановски, поранешен претседател на Уставен суд, за „Телма“ вели дека со оглед на сегашната состојба каде што Собранието не е во функција, Владата ќе мора да најде начин да се премости тој правен вакум, но без да се крши Уставот, а особено не допуштајќи секој да го толкува Уставот така како што ќе му текне.
Бидејќи се донесува за да се уреди некоја состојба која што е надвор од правниот поредок тоа значи дека со таквиот акт како што се Уредбите со законска сила во таква состојба, со престанокот на вонредната околност правно престанува и примената на актот. Уредбите не можат веќе да предизвикуваат нови правни дејствија од моментот на престанокот на вонредната околност – изјави за „Телма“ Трендафил Ивановски, поранешен претседател на Уставен суд.
Професорката Ана Павловска Данева, пак вели – ниту Уставот, ниту Законот за Влада не го уредуваат прашањето за времетраењето на дејството од Уредбите со законска сила што се носат во вонредна состојба.
Дали по автоматизам по завршувањето на вонредната состојба треба да прекинат и овие обврски или права сеедно за граѓаните или треба да се утврди од после со закон на Собранието дека тие престануваат да важат или дека продолжувата да важат сеедно не е воопшто уредено во нашиот правен систем. Од тука ќе треба да се вади аналогија и да се толкуваат досегашните одредби и за жал може да настане една не многу посакувана состојба кога различни правници особено различни институции, различни државни органи различно ќе го толкуваат ова прашање – вели Данева.
Од Владата пак со спротивен став од експертите, велат Уредбите се со правно дејство кое продолжува да важи независно вонредната состојба.
- Престануваат само уредбите со кои се ограничуваат човекови права. Другите имаат правен ефект. Со оглед на тоа дека ние немаме посебен Закон за вонредна состојба, и ова прашање е уредено само во Уставот, важноста на уредбата е пропишана во самата уредба. Кај некои уредби има пропишан рок на траење, и тие траат до тој пропишан рок, додека други немаат пропишан рок и тие важат додека не се изменат со закон. Тоа го утврдува и Венецијанската комисија, но и нашиот Уставен суд со тоа што ја одби иницијативата за Уредбата за законот за работни односи во која има рокови за дејствија и по вонредната состојба.“- велат од Владата.
Од таму појаснуаат и дека практично доколку заврши вонредната состојба по истекот на вторите 30 дена, за првачињата нема да важи стариот закон кој ќе оневозможи упис, туку уредбата која ќе овозможи упис и во септември. А исто и таа за упис на матурантите на факултетите без положена матура.
Александра Филиповска