Вирусот и казните не ги исплашија скопјани викендов

Состојбата со коронавирусот се влошува и кај нас. На сила се сериозни препораки до граѓаните да седат дома и да не се движат надвор ако немаат исклучителна потреба. Но, болеста се чини се уште не ги исплаши скопјани. Наместо дома, седат по клупите во парковите. Не ги исплашија ниту евентуалните казни за непослушност према препораките на властите.

Камерата на Телма забележа луѓе кои уживаат во убавото време, но без да го одржуваат препорачаното растојание од метар ипол. Некои од нив со заштитни маски и ракавици. Другите похрабри, без никаква заштита.

Најголема раздвиженост денес имаше во Градскиот парк, а тука беа и спортистите на кеј. Деца си играа на лулашките. Екипата на Телма се обиде да поразговара со некои од шетачите. Само еден беше расположен да зборува пред камера.

Во меѓувреме, од Владата не престануваат да испорачуваат нови мерки за да се спречи ширењето на вирусот во земјава. Темата е најактуелна помеѓу населението и сите коментираат, а на фејсбук свој статус објави и скопскиот градоначалник.

Системот вели: седи дома, не се групирајте, не излегувајте без потреба, не се собирајте повеќе од пет луѓе на јавен простор. Ти се шеташ, си тераш друштво и забава. Седете дома луѓе. Седете дома, напиша Шилегов.

Градските служби денес по негов налог дезинфицираа јавни површини. Се чистеа главните скопски сообраќајници, урбаната опрема и лулашките, како и патеките на кејот. И општините преземаат мерки во рамки на своите ингеренции. Во Центар и Карпош е забрането користење на детските игралишта.

Во меѓувреме додека целата држава води борба против заразата, на терен наидовме и на диво палење на кабли на кејот на Вардар за да ги потсети инспекторите за екологија и на еден друг проблем.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ