Викендов полициски час од 19 до 5 часот – денес 14 нови потврдени случаи од 242 тестови

Полициски час како и секој работен ден ќе има и викендов ширум државата. Од 19 до 5 часот луѓето ќе мора да седат во своите домови. Ова е предлог на Комисијата за заразни болести и министерот Филипче до Владата. За изменети и полабави мерки ќе се одлучува дополнително.

Денес 14 нови потврдени случаи од 242 тестови, како и еден починат – вели дневниот извештај на здравствените власти за состојбата со корона вирусот. Починатиот е тетовчанец на возраст од 61 година кој бил хоспитализиран во ГОБ „Осми септември“.

Од новозаразените, пак, денес предничи Велес со најмногу случаи. Шестмина, со што вкупната бројка на потврдени случаи во градот достигна 102. Во дневниот пресек се наоѓа и Скопје со пет, Прилеп со двајца болни и Тетово со по еден. Позитивни се вестите за бројот на оздравени. Вкупно се дваесетмина.

Во меѓувреме, Институтот за јавно здравје објави статистичка анализа за текот на болеста, заклучно со 5 мај. Во него највпечатливо е дека од пред помалку од еден месец паѓа бројот на болни од Ковид-19 во земјава.

Највисока кумулативна инциденца има во Куманово. Овој статистички израз кој лекарите го користат за да прикажат колку заболени има на 100.000 жители, покажува дека таму се околу 282 заболени на 100.000 жители. Втор е Дебар со 183, Прилеп 170 и Велес 130 заразени.

„Просечната возраст на заболените е 45 години, а најмногу од заразените се над 60 години. 23,2% од потврдените случаи биле или се уште се хоспитализирани. 75% од починатите имале и други заболувања.“ пишува во дел од извештајот на Институтот за јавно здравје.

Дневните извештаи на Министерството за здравство најмногу новозаразени прикажаа на 15 април кога потврдени беа 107 случаи.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ