
Викендички и маркици за хотели во забранетата зона на Кањонот Матка
Трите платформи поставени во заштитената зона на Кањонот Матка ја дигнаа јавноста на нозе и ги покажаа слабостите на локалната самоуправа и институциите од централната власт должни да контролираат.
Додека трае преписката меѓу Државниоот градежен инспекторат и Општина Сарај и се чека на разврската околу платформите, ние отидовме малку подлабоко во заштитената зона на Кањонот Матка, до пештерата Врело.
Природата е прекрасна но резултатите се запрепастувачки.
На стотина метри од црквата Свети Андреја, веднаш по првата кривина, затскриени од погледот на гостите и туристите почнува редот викендички.
До пештерата Врело ги изброивме над десет. Дел од нив стари и трошни, можно и да не се користат но барем пет се модерни и делуваат дека се таму од неодамна.
Иградени од камен и дрво, со чардаци и летниковци и платформи преку кои може да се пристапи и да се ужива во убавините на Кањонот. На некои од нив се поставени и соларни панели. Се на се овие куќи не оддаваат впечаток дека се случајно тука и дека нивните сопственици се некои „обични смртници“
Зачудувачки е како овие куќи се изградени, бидејќи единствениот пристап до нив е по вода. Целиот материјал за изградба и за опремување може да се пренесе единствено со чамци.
Никој од надлежните ниту ги видел, ниту ги чул, а уште помалку пак ги регистрирал. Мештаните пак, зад камерите велат дека таму се со години. Некои се нови, некои реновирани.
Чија е вината за ова дивјачко уништвување на природата? Кој преќутно дозволил да се гради во заштитена зона?
Сите куќи се изградени на десниот брег, брегот каде надлежна е Општина Сопиште и која е задолжена да ја чува природата недопрена. Според податоците во централниот регистер потегот од црвката Свети Андреја до пештерата Врело е под катастарската општина Света Петка и е покриен во неколку парцели. Дел од нив приватни, дел државно земјиште. Било каква дозвола за градба издава секторот за урбанизам во Општина Сопиште.
Гледајќи ги имотните листови наидовме на фрапанта информација. Парцелата сопственост на жител на селото Глумово има маркичка Б4-6 односно која според законската регулатива предвидува дозвола за изградба на хотелски комплекс.
Кој, кога и по кој основ во секторот за урбанизам во Сопиште дозволил впишување на маркичка во парцелата која се наоѓа во заштитената зона, мора да се утврди.
Собранието на Град Скопје уште во 1994 година ќе го прогласи локалитетот Кањон Матка за заштитено подрачје од категоријата Споменик на природата поради уникатната флора и фауна и инзворедните геолошки и хидролошки карактеристики. Во одлуката децидно стои
Се забранува превземање на било какви дејствија кои можат да го нарушат интегритетот и природниот изглед на локалитетот, вршење на било какви дејствија без предходно прибавено стручно мислење од министерството за животна средина и изведба на сите видови на градби на подрачјето на споменикот на природата освен усвоениот хидроенргетски објект со водостопнска основа- Браната Матка”
Очигледно е дека оваа одлука постои само во архивите на Службениот весник а во реалноста кањонот е прималиво земјиште за оние кои немаат никакво чувство и почит кон природата и законите и секако кои имаат конекции со локалната или централната власт.
Си заминавме со вкус на горчина и со страв дека ако централната власт веднаш не реагира трите платформи ќе бидат најмал проблем на Матка.
Огнен Чанчаревиќ