
Вевчанскиот карневал годинава со нови содржини
Вевчански карневал, стар повеќе од 14 века и годинава, традиционално ќе се одржи за василичарските празнувања. Програмата започнува на 12 јануари со гурманско шоу на фуд блогерот, Бранко Попоски и со отворање на фотографската изложба „Вевчанскиот карневал низ призмата на уметницата Билјана Јуруковски“.
Покрај овие новитети, во забавниот дел, планирана е музичка програма со настапи на домашни пејачи и ди џеи. Официјалната програма е на 13 и 14 јануари, со дефиле на кое се очекуваат над 1000 маски и повеќе од 10 илјади посетители од земјава и странство.
-На 13 јануари, во 14 часот, тргнуваат од Горно и Долно маало, василичарските групи. Дефилираат во центарот на Вевчани во 14-14 и 30 часот, потоа едни тргнуваат кон Горно, а други кон Долно маало. Кружат цела ноќ, за да после полноќ, во 2-3 часот, „ одат на вода“, за да наполнат света вода и со неа да го замесат познатото вевчанско ѓомлезе. Утредента ова дефиле завршува (на 14 јануари) во 12 или 01 часот на пладне, со палење на маските , симболично да се избрка злиот дух, изјави Сашо Јанкоски- градоначалник на Општина Вевчани.