Невремето со ветар од 100 км/ч го прелеа Охридско Езеро

Силниот јужен ветар, кој на моменти достигнува брзина од околу 100 километри на час, предизвика проблеми во охридскиот регион. Југот го разбранува надојденото Охридско Езеро, кое е на ниво над природниот максимум. Силните брановите го заплискуваат градскиот кеј, кој вообичаено на вакво време е под вода, а поплавени се и кафулиња и плажи во стариот дел на Охрид. Разбрануваното езеро го искрши дрвениот мост на желбите, кој населбата Канео ја поврзува со центарот и предизвика оштетувања на плажата Потпеш.

Состојбата со нивото на Охридското Езеро ја следи работна група на „ЕЛЕМ“ и општините Охрид и Струга, од каде велат дека се прават максимални напори да не дојде до посериозни последици

Силниот ветер кој дува денеска во Охрид крши и дрвја, а пријавени се повеќе штети на возила и инфраструктурата во градот и околината. На улицата „Никола Карев“, падна лимен покрив од деловен објект, но за среќа никој не е повреден.  На улицата „Даме Груев“ дрво падна врз паркирани автомобили, при што е причинета материјална штета. Во Пештани, пак, скршено дрво предизвика застој во сообраќајот на патниот правец Охрид – Св. Наум, а поради оштетена инсталација, има и прекин во снабдувањето со струја.

Под влијание на циклонот Хектор нестабилното време ќе се задржи во Македонија и утре, кога се очекуваат и поинтензивни врнежи од дожд, проследени со силен ветер и  грмежи.

Горан Момироски

 

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ