Вес Мичел си поднесе оставка – Силен поддржувач на Македонија и Договорот од Преспа

Американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел ќе поднесе оставка на функцијата кон средината на февруари, соопшти Стејт департментот.

Како што објави „Вашингтон пост“, Мичел му испратил писмо на американскиот државен секретар Мајк Помпео во кое вели дека заминува од функцијата на 15 февруари од „приватни и професионални причини“.

„Дојде време да поминам повеќе време со моето младо семејство, кое страдаше многу денови без мене во последните месеци“, вели Мичел во писмото.

„Вашингтон пост“ оценува дека заминувањето на Мичел ќе создаде клучен вакуум во време кога европските лидери ја доведуваат во прашање посветеноста на американскиот претседател Доналд Трамп кон историските сојузи.

Што се однесува до Македонија, Мичел беше голем поддржувач на Договорот од Преспа и неговото постигнување.

За време на посетата на Македонија во септември лани, Мичел порача дека Македонија е пред историска шанса и ја повика опозицијата да ги охрабри граѓаните да гласаат на референдумот за Договорот.

„Пораката до Мицкоски беше иста како на сите мои средби. Бев јасен дека САД ја гледа Македонија како многу значаен пријател и сојузник. Ја цениме безбедносната соработка имаме економски односи. Го повикав да биде јасен и да ги охрабри Македонците да излезат и да гласаат“, изјави Вес Мичел, помошник државниот секретар на САД.

Еден месец подоцна Мичел со писмо побара од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски „да ги остави пратениците да гласаат по своја волја”.

На ова лидерот на ДПМНЕ, Мицкоски одговори на мошне груб начин и со недипломатски речник, за на крајот да заврши со веќе фамозната фраза: „Ноќта е најтемна токму пред зората“.

„Што се однесува до делувањето на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во однос на уставните измени кои во моментот се во Собраниска процедура истото е плод на нашиот претходен став дека договорот не можеме да го прифатиме, кој беше едногласно прифатен  вклучително и од пратеничката група, а притоа црпејќи го легитимитетот од референдумот кој се случи. И можам да ве уверам дека доколку има некакви информации за закани, уцени или било какви обиди за влијание врз нивното одлучување и одлучувањето на било кој пратеник тогаш тоа е од кругови или поединци кои не се дел од структурите на мојата партија. Јас не прифаќам таков начин на делување и истиот го осудувам“, пишува Мицкоски.

Си заминува еден булдожерите на американската дипломатија на Балканот, човекот кој водеше тивка улога во процесот на решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција, и со сигурност еден од архитектите на поновата американска стратегија на Балканот и Источна Европа, а со самото тоа и влијателен помагач во постигнувањето на договорот од Преспа.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ