Верушевски бара по 200 евра отштета за секој ден во притвор во случајот „Пуч“

Над 4 милиони и 100 илјади денари или околу 67 илјади евра е отштетата која Зоран Верушевски ја бара од државата за притворот од случајот Пуч. Граѓанскиот суд во Скопје денеска го одржа подготвителното рочиште и пресудата ќе ја донесе на 4-ти ноември. Верушевски во 2015-та беше во притвор од 24-ти јануари до Нова година или вкупно 341 ден. Кога бараната сума ќе се подели со деновите во притвор излегува дека поранешниот разузнавач, а сега советник на премиерот Заев за безбедност бара по 12 илјади денари за секој притворски ден или околу 200 евра.

Случајот Пуч беше отворен во јануари 2015-та само неколку дена пред да почне тогашната опозиција да ги објавува бомбите од разговорите снимени нелегално во петатат управа. Иако со Пуч имаше обид да се спречи објавувањето на содржините од телефонските разговори, сепак подоцна беше формирано СЈО кое требаше да ги истражи криминалите од содржината. Верушевски дури беше обвинет и за шпионажа и дека тој наредувал кои броеви да се прислушуваат, но СЈО го отфрли обвинението.

Покрај Верушевски, уапсена беше и неговата сопруга која помина 6 месеци во притвор. За неа веќе е завршен процесот по тужбата, а и таа барала идентична сума од околу 200 евра за ден во притвор. Сепак Основниот граѓански суд неправосилно ја донел одлуката и на Соња Верушевска и пресудил милион и 50 илјади денари отштета или двојно помалку од бараното,односно 95 евра за ден поминат во притвор. Оваа одлука граѓанскиот суд ја донел во септември, две недели пред првото сведочење на Зоран Верушевски во судот каде беше сведок на обвинителството во случајот Тврдина Таргет.

Тој прво тврдеше дека имало модификации на разговорите, а потоа на вториот исказ како сведок го посочи бегалецот Никола Груевски дека ја организирал целата шема за нелегално прислушување за да остане подолго на власт. Верушевски со ниту еден збор не го посочи првообвинетиот Сашо Мијалков како одговорен за прислушувањето, а дури оцени дека обвинетите се всушност жртви на екс премиерот.

На тоа рочиште беше прашан од обвинителката Ленче Ристовска дали ќе бара обештетување, тогаш рече дека откако бил игнориран од државата која не покажала чувство за неговата лична и семејна саможртва поднел тужба против државата.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ