Верскиот празник Велигден ги помести за една недела претседателските избори

На 21 април граѓаните во првиот изборен круг ќе можат да гласаат за идните претседателски кандидати, на 5 мај во втор круг, а најдоцна 12 ти мај едно име ќе мора да го пополни испразнетото место од Ѓорѓе Иванов. Претседателот на собранието Талат Џафери денеска соопшти дека на 8 февруари ќе ги распише изборите, кои ги поместил една недела заради велигденските празници. Се надева дека нема да има нерегуларности, бидејќи нема временски простор за повторено трето гласање.

Од партијата на Џафери се убедени дека со СДСМ ќе се договорат за кандидат кој ќе биде прифатлив и за двете партии, но прво да се вратат од зимските одмори лидерите Али Ахмети и Зоран Заев.

Додека ДУИ и СДСМ ја разгледуваат опцијата за заеднички кандидат, опозициската ВМРО –ДПМНЕ, ниту потврдува, ниту негира дали ќе останат во трка или ќе бојкотираат. Сеуште собираат кандидатори, а името ќе го обзнанат по 31 јануари.

СДСМ, пак, без официјален партиски став откако опозицискиот челник Христијан Мицковски ја фрли ракавицата и за предвремени парламентарни.

Пред да замине во Германија Заев, рече дека ќе го разгледа барањето на Мицкоски бидејќи доаѓа од лидер на опозицијата, а ќе го разгледуваат во највисоките партиски тела на СДСМ.

Од ДУИ, пак, велат дека не е време за предвремени избори, бидејќи со тоа ќе се забават економските и реформските процеси во земјата.

Павле Беловски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ