Верниците утрово масовно дојдоа на молитва – не се откажуваат од одење и чекање гости

„Ваква е сликата четириесетина минути по завршување на полицискиот час. Луѓето одат на молитва во Јаја Паша џамијата пред да започне карантинот кој ќе трае до вторник наутро.“

Не само во Јаја Паша, на изгрејсонце вака беше и околу секоја друга џамија. Иако ИВЗ нагласи дека само со маска смее да се дојде во верските објекти, некои од верниците не се водеа по тој протокол. На шадрванот не смееја да се замијат пред молитвата. Дворот на џамијата беше претесен за да ги собере сите кои дојдоа со свое килимче или како што велат – сеџаде, на овој голем празничен ден.

„Со маска, со сеџаде, како што рекол тој во џамија што е.“

„Најважна молитва е Бајрамот. Другите може да ги клањаме дома.“ – велат дел од анкетираните граѓани.

Иако е време на пандемија, традиционалните обичаи не ги занемаруваат. Оние коишто ги сними камерата на Телма велат нема да се откажат од одење по гости и примање луѓе дома. Но, се додека не е ограничено движењето.

„Ќе клањаме Бајрам и ќе одиме по фамилија да праиме Бајрам со нив. До петнаесет минути до единаесет часот, потоа ќе треба да се оди дома.“

„Ако е блиску тука може ама ако е подалеку некаде не може да се оди, нема време. Треба да го почитуваме тоа“ – изјавија некои од граѓаните за Телма.

За поглаварот на ИВЗ – пандемијата веќе е завршена. Реисот Сулејман Реџепи вчера се ожени, а денес од Мустафа-пашината џамија – спуштајќи ја заштитната маска од лицето прогласи победа над Ковид.

„Во наредниот период секогаш да победуваме. Лошото да го победиме. И да знаете дека Ковид-19 можам слободно да го прогласам дека е умрен од денес, со оглед дека ние сме тука пред џамијата. Господ е со нас“ – Сулејман Реџепи – Поглавар на ИВЗ.

Токму реисот беше најгласен против најавите за целосен викенд-карантин, по што Владата на седницата во петокот ја донесе одлуката полицискиот час да започне во 11 и да трае до вторник до пет часот.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ