
Венецијанската комисија го критикува законот за јазици
Венецијанската комисија ги повикува сите засегнати страни да го преиспитаат Законот за јазици, и да се напуштат одредбите за двојазичност посебно во судските постапки. Правните експерти од Советот на Европа новиот закон за јазици го споредуваат со легислативата од 2008-ма година, и заклучуваат дека со новиот закон значително се проширува употребата на албанскиот јазик и во многу аспекти ги надминува европските стандарди. По денешниот состанок во Венеција, комисијата во официјалното соопштение ги поздравува македонските власти што имаат волја да ја подобрат јазичната состојба на заедниците, но предупредуваат за посебно широката примена на албанскиот јазик.
- Во одредени области новиот закон може да оди премногу далеку со наметнување, што може да се покаже како нереална правна обврска врз јавните институции, особено во врска со употребата на албански во судска постапка, заедно со тешки санкции во случај на непочитување и можност за поврат на судските решенија, ако нема превод и толкување во текот на постапката. Овој пристап би можел значително да го забави функционирањето на целото правосудство, ризикувајќи сериозни нарушувања на правото на фер судење, загарантирано со Европската конвенција за човекови права, пишува во соопштението.
Венецијанската комисија и препорачува во судските постапки да не се користи двојазичност, и употребата на албанскиот јазик да се ограничи на писмена службена комуникација. Се препорачува и високите парични санкции, кои ги налага законот, доколку не се испочитува, да се одложат, се додека законот не се измени за да се обезбеди доволно правна јасност.
Вицепремиерот Бујар Османи, кој денеска пред комисијата го претставуваше ставот на владата, со различно толкување за препораките. Османи на Фејсбук напиша дека Комисијата нема мадат за оцена на уставноста, и дека тоа е прашање на земјата.
- Комисијата го омекна вордингот по онос на спремноста на администрацијата за двојазичност во судството додавајќи го зборот МОЖЕБИ нема капацитети и бара наша флексибилност, пишува Османи.
Денешното официјално соопштение од Венецијанската комисија е речиси исто со драфт верзијата која се појави во македонската јавност пред два месеца. Тогаш, министерството за правда беше воздржано, соопштувајќи дека мислењето на комисијата се уште не е официјално, но штом ќе биде усвоено ќе го почнат процесот на имплементирање на препораките содржани во него. Законот за јазици беше изгласан во собранието на почетокот од 2018-та, без опозициската ВМРО ДПМНЕ. Против негово донесување беше и тогашниот претседател Иванов, кој одбиваше да го потпише указот. По речиси една година, го потпиша претседателот на Собранието Талат Џафери, по што беше објавен во Службен весник со што законот стана и официјален. Истиот ден ВМРО ДПМНЕ му поднесе три кривични пријави за „Злоупотреба на службената должност“, „Злосторничко здружување“ и „Саботажа“ .
Алиса Шутиноска