Велешани бараат средба со министерот за екологија поради новиот загадувач

Каменоломот кај Велес не работи, утврдил Инспекторатот за животна средина. И покрај тоа што жителите тврдат дека скоро секој ден слушаат бучава, едвај дишат од прашината и чести се детонациите, за инспекторатот нема ништо спорно, бидејќи на последниот вонреден надзор се увериле дека таму не се работи.

На втори октомври беше извршен надзорот и е констатирано дека каменоломот на Технопавер не работи. Доколку се утврди спротивното фирмата ќе се соочи со казна од шест илјади евра бидејќи еколошката дозвола за работа и е одземена во јуни годинава, велат од Инспекторатот.

Спротивно на тврдењата на Инспекторатот вчера на терен кај каменоломот се гледаше дека транспортни камиони влегуваат и излегуваат, отпадни води истекуваа во Тополка а на периоди се слушаше и бучавата од работа на машини. Жителите кои живеат веднаш до каменоломот уверуваат дека најчесто се работи навечер или за викенд, кога инспекторите не работат.

Сега тие бараат итна средба со министерот Садула Дураку а во меѓувреме да се стопира каменоломот. Тој летото ја изгубил еколошка дозвола која ја наследил од претходниот сопственик токму поради тоа што не ги исполнува условите, признаваат од инспекторатот. Во пресрет на големите загадувања инспекторатот не открива дали ќе ги послуша барањата на граѓаните и екологистите.

Билјана Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ