
Преговорите со ЕУ ќе почнуваат и завршуваат со владеење на правото
Помалку бирократски, повеќе политички стќе стане процесот на преговори на земјите кандидат со Европската Унија. Еврокомесарот за проширување Вархеи верува дека тоа е суштината на промените со новата методологија што ја презентираше денеска, а која почива на четири столба – политичка контрола, динамичност, превидливост и кредибилност на преговорите кои не треба да траат бесконечно, туку земјите да станат побрзо целосно членки на Унијата. Тој смета дека завршиле добра работа вклопувајќи ги во методологијата француските барања така што очекува Македонија и Албанија пред самитот во Загреб или уште во март да добијат датум и брзо да ги почнат преговорите со Унијата.
Токму затоа сакаме да ги вклучиме сите земји членки во мониторингот на овие постигнувања. Потребно е да ги споделат своите анализи со нас за да избегнеме било какви изненадувања на крајот, изненадувања кои веќе ги имаме видено три пати претходно. И токму затоа треба да биде поинклузивен за нив. Не го кријам фактот дека едно од потешките прашања кога го составуваме пакетот, беше дека е кристално јасно кај јавното мислење и кај земјите членки има цврсто јадро кое бара да бидеме во можност исто така да ги вратиме преговорите кога нема напредок, или кога има уназадување. Јасно е дека треба да употребиме слични мерки,што значи дека мораме да им ставиме до знаење дека можеме да одиме и назад исто така. Така да ако државите не успеат да исполнат или назадуваат сореформите од наша страна слични мерки ќе бидат употребени кога станува збор за пристапниот процес, истакна Вархеји.
Еврокомесарот ја претстави методологијата и во Европскиот парламент уверувајќи ги европратениците во Комисијата за надворешни работи дека она што ќе го добијат земијите аспиранти како Македонија е предвидливост. Точно ќе добијат рокови за секој од шесте кластери, а членките на Унијата ќе можат да испраќаат свои експерти за да оценуваат како на терен се спроведуваат реформите. Но се уште не е сосема јасно дали шесте кластери ќе се отвораат заедно или сукцесивно.
Отвораме со поглавјето за владеење на правото, и преговорите целосно ги затвораме со истото поглавје. Редоследот на приоритети ќе зависи од земјата со која се преговара, бидејќи зборуваме за реформите, економски, социјални, правни, уставни реформи, и секоја земја има своја патека, своја политичка агенда, која ќе треба да се прилагоди со пристапните преговори. Ќе биде нивни политички избор, со што прво ќе почнат, порача еврокомесарот за проширување.
Дебатите во Брисел за новата методологија практично почнуваат од денесе се додека не ја усвои Европскиот совет веројатно зедно со извештаите на Европската комисија за Македонија и Албанија. Засега има и дилеми, како дали методологијата ќе важи и за Србија и Црна Гора кои веќе преговараат или што значи суспендирање на преговорите, дали замрзнување или целосно запирање. Доколку се спроведуваат реформите се очекува земјите да бидат и наградувани, со пристап до европските пазари и со учество во дебатите во Евриопската Унија, како и повеќе пристап до фондовите.
Сања Васиќ