Вангеловски го одби Џолев за судница, неизвесно каде ќе се суди „Титаник“

Откако претседатeлот на Врховниот суд, Вангеловски го одби претседателот на Кривичен, Џолев за да му ја отстапи свечената сала во Врховниот суд, неизвесно е каде ќе им се суди на  екс премиерот Груевски, поранешните министри,  Јанакиевски и Јанкуловска, поранешните генерални секретари на ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Протугер и Кирил Божиновски, пратеникот Илија Димовски, градоначалникот на Пустец, Темелко и уште 15-тина други обвинети во првиот предмет на СЈО, „Титаник“ – за изборните нерегуларности и гласачите во Пустец.

Стартот на судењето „Титаник“ е закажан за 2 април а предвидени се уште неколку термини истиот месец. Претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев очекува дека до „Денот на правосудството“, на крајот од март, Кривичниот суд ќе може да се пресели во новиот објект каде има поголеми судници и подобри услови.

Но, доколку повторно се одложи преселувањето во новата барокна зграда која се градеше со години од судот не откриваат кој е планот Б.

Вангеловски му одговорил на Џолев дека не одобрува да ја користат свечената сала во април и мај поради потребите на Врховен суд.

Во минатото во големата сала на Врховниот суд каде има најголем капацитет, се одржуваа поголемите судски процеси мегу кои„Бачило“, „Диво Насеље“, „Јака Табак“, „Метастаза“, „Калдрма“, „Шпион“.

За „Диво Насеље“ експретседателката на Врховен, Неделкова првично не дозволи да се одржува таму судењето, но потоа Владата донесе одлука и салата беше времено отстапена на користење на Кривичен.

„Титаник“ е 5-иот по ред предмет  на СЈО во кој е обвинет екс премиерот Груевски. Досега веќе му се суди за „Шамарите во Центар“ , „ТНТ“ за уривањето на Космос, „Тенк“ за мерцедесот и „Траекторија“ за кинеските автопати. Ова обвинение беше и послесно одобрено од судот, а за време на судењето ќе треба да се слушаат околу 1000 прислушкувани разговори.

Елена Ивановска Мукоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ