Увидот на УЈП во приливите на сметките ќе биде ретроактивен, тоа е спротивно на Уставот

Власта не отстапува, од стартот на идната година УЈП ќе има увид во сите приливи на сметките на граѓаните. Измените на законите за банки и за УЈП се тераат по скратена постапка, денеска добија зелено светло од Комисијата за буџет, а ставени се на дневен ред и на собраниската пленарка, откако ќе се изгласа Буџетот. Експертите сметаат дека ако институциите добро ги изградат механизмите за заштита на личните податоци, новините не се проблематични.

Сепак, според даночниот експерт Гацов, законите ќе почнат да важат од стартот на идната година, но УЈП ќе бара информации за приливите и за цела 2018, што може да ја проблематизира нивната примена, затоа што ќе имаат ретроактивно дејство, што не е уставно.

„Затоа што е неуставно, сите нови решенија генерално се применуваат од моментот кога ќе се објават во Службен весник па натаму, значи станува збор за правен режим каде со Уставот носењето на ваков закон е проблематичен, бидејќи бара информации ретроактивно. Проблем е само механизмот кој е демократичен, по Устав не може пропис да важи ретроактивно“, вели Павле Гацов, даночен советник.

Максимална заштита на приватноста, смета, никој не може да гарантира, но УЈП има начин како тоа да го спречи и граѓаните да не стравуваат.

„УЈП треба на законит начин да ги отстранува овие информации до кои ќе дојде. Ако искористила информација за да состави ГДП, и согласно Законот за даночна постапка може да ги чува 5 години, или, ако не и требаат тие информации, веднаш да ги избрише, да не бидат достапни до никого“, вели Гацов.

Од Дирекцијата за заштита на лични податоци велат дека Владата, по првичната верзија, направила извесни подобрувања, но не добиле повратна информација дали ги вградила сите нивни забелешки во конечната верзија на законите.

Министерот Тевдовски тврди дека вакви решенија користат повеќе даночни управи на Европската унија, а реформата е дел од проект на ЕУ кој бил почнат уште пред промената на власта. Тврди дека сите институции дале позитивно мислење за законите, а прифатени се и од банкарската асоцијација.

„И во постојното законско решение УЈП има право да побара пристап до определени сметки и информации. Сега тоа е многу порегулирано, процедурите се јасни, има и ИТ решенија кои ќе обезбедат заштита на тие податоци“, вели министерот за финансии, Драган Тевдовски.

И од УЈП тврдат дека измените се усогласени со Законот за заштита на лични податоци, а управата овие информации ќе ги користи исклучиво за даночни цели. Велат дека со новиот закон, носителите на платен промет ќе бидат должни до УЈП да доставуваат податоци за приливите на средства на сметките на граѓаните, а тие и со сегашниот закон биле должни да го направат тоа во секое време, ако УЈП за тоа им достави писмено барање.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ