Нови имиња на институциите во Северна Македонија

По два месеца, новоизбраниот шеф на државата ќе се всели во својата резиденција пред која ќе стои нова табла со натпис: Претседател на Република Северна Македонија. Тоа е само една од 136-те институции кои ќе добијат нови називи во согласност со уставните измени. Се работи за државни, јавни и други институции финансирани од Буџетот.

Во називите на Владата и на Собранието на Република Македонија се додава зборот Северна. Ќе имаме и Народна банка на Северна Македонија и Службен весник на Северна Македонија и Црвен крст на Северна Македонија, потоа: музеи, судови, обвинителства, архив, министерства, културни центри, фондови, комисии, аеродроми и друго, сите со додавката „на Северна Македонија“. Кај дел од институциите придавката македонски ќе биде заменета со национални: Македонската Радио-телевизија станува Национална радиотелевизија. Слично преименување има со јавните претпријатија Национална радиодифузија, Национални шуми, Национална банка за поддршка на развојот, Национална опера и балет, но останува Македонски народен театар. Промени има и кај акционерските друштва: за поштенски сообраќај станува Национална пошта, а МИА – Национална информативна агенција-Скопје. Новото име на државата ќе стои и пред универзитетите и установите, како што е Музејот на македонската борба за самостојност, поранешен Музеј на ВМРО.

МАНУ не е на оваа листа. Министерот Никола Димитров вели дека за неа ќе се бара посебно решение, но основниот прицип е почитување и на идентитетот на македонскиот народ  и на уставното име на државата.

Овие називи на институциите беа утврдени на владина седница, по предлог на Меѓуресорската работна група за извршување на обврските од Преспанскиот договор. Имаат рок од четири месеци. А во рок од една недела, треба да достават извештај за промените на сите дигитални записи, како што е лого, меморандум,, веб страница, медиум, печатен материјал, папка, индикатор и слично.

 

Соња Николовска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ