
Утре се очекува договор за изборите
14 јуни, средината на јули, некој термин помеѓу овие два или некој сосема друг датум на есен? Овие дилеми поврзани со новиот термин за избори остануваат отворени ден пред лидерската средба кај претседателот Пендаровски. Но, за сите партии, најважна тема утре треба да биде здравствената состојба во земјата и препораките на здравствените власти.
ВМРО ДПМНЕ утре ќе презентира план за справувањето со здравствената и економската криза и за одржување безбедни избори, без лицитирање со датумот. За нив, предлогот на СДСМ за избори на 14-ти јуни доживува фијаско, бидејќи секој ден има новозаболени од корона, а доколку тие заразиле и други лица, би заболеле токму среде изборна кампања. На овој датум, велат од опозициската партија, не би можеле да имаме меѓународен мониторинг бидејќи Европската унија нема да ги отвори границите пред 15-ти јуни, а некои земји како Франција, прогласија вонредна состојба до 24-ти јули.
Во интервју за Телма, а потоа и на фејсбук, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски го истакнува мислењето на Венецијанската комисија дека избори може да се одржат 60 дена по завршувањето на вонредната состојба, што наведува на изборен ден кон средината на јули.
Од СДСМ му реплицираат дека манипулира, бидејќи според меѓународното право не постои забрана за избори, а таа препорака на Венецијанската комисија важи само за Грузија. Остануваат на ставот што вчера го изградија со коалициските партнери дека избори може да се одржат во јуни бидејќи пандемијата покажува тенденција на спласнување, а експертите предупредуваат дека на есен може да се очекува втор бран.
Средината на јуни е прифатлив термин за избори и за ДПА.
Слично мислење околу изборите има и ДУИ – „што поскоро, штом тоа ќе го дозволат здравствените власти“, додека за Алијансата за албанците, оптимален термин е крајот на јули или почетокот на август, зашто тогаш границите ќе бидат отворени па и дијаспората би можела да дојде на гласање.
Соња Николовска