
Утре одлука за вонредната состојба од која зависи и датумот за избори
Претседателот Пендаровски утре напладне ќе и` соопшти на јавноста дали ќе ја продолжи вонредната состојба, а ќе го каже и својот став за актуелните прашања, поврзани со корона вирусот и изборите. Се очекува претходно и владата да даде свое мислење, откако, според вицепремиерот Бујар Османи ќе се направи пресек на епидемиолошката слика. Од тоа, дали ќе биде продолжена вонредната состојба зависи и денот на изборите. Засега ставот е дека, избори може да се одржат и на 5 јули.
Во врска со уредбата што владата ја донесе синоќа, а со која го отвори патот за избори, Османи вели дека таа само ја прецизира претходната уредба донесена во март ао која беше прекинат изборниот процес.
Од ВМРО ДПМНЕ денеска не сакаа да ја коментираат уредбата. Побараа од СДСМ да се изјаснат, дали сами ќе донесат одлука за датумот?
Социјалдемократите молчат. Од вчера не одговараат на повици, а не одговорија ниту на нашите прашања по писмен пат. Во јавноста се шпекулира дека го понудиле 8 јули како последен датум за избори и дека и денеска се водат интензивни преговори.
Од ДИК, кои вчера, заедно со МВР беа задолжени да ги продолжат подготовките за организирање на изборите, нема официјален став додека владината уредба не излезе во службен весник.
Претседателот Оливер Деркоски го повтори својот личен став дека изборните дејства се изведуваат по Изборниот законик и никако поинаку.
Борис Кондарко, кој е член на Комисијата, делегиран од СДСМ, има спротивен став, но денеска не сакаше да коментира додека уредбата не ја добијат и официјално.
Далиборка Демјанска