Утре нова шанса за Законот за јазиците

Законот за јазиците добива уште една шанса: утре повторно ќе се најде на дневен ред. Така се договориле спикерот Талат Џафери, тројцата потпретседатели на Собранието и координаторите на пратеничките групи на СДСМ, ДУИ и БЕСА. ВМРО ДПМНЕ не присуствувала на Координативната средба. Од парламентарното мнозинство велат дека не утврдиле како ќе тече седницата и дека тоа е ексклузивно право на претседателот.

Џафери денеска не најавува како ќе постапи со амандманите од опозицијата, но минативе денови во неколку наврати изјави дека отварањето амандманска расправа не е во согласност со Деловникот и Уставот и дека претставува закана за блокирање на Собранието, што тој нема намера да ја дозволи. Џафери веројатно ќе го искористи тврдењето на ВМРО ДПМНЕ дека Законот е неуставен, и ќе прогласи дека неуставен закон се коригира со иницијатива пред Уставниот суд, а не со амандмани.

ВМРО-ДПМНЕ најави присуство на седницата. Лидерот Мицкоски повика на разум. Очекува да се почитува Деловникот а да се избегнат лоши сценарија и парламентарен терор на мнозинството врз малцинството.

Повикувам да се избегнат лоши сценарија, повикувам да се избегне опцијата за парламентарен терор на мнозинството врз малцинството во  Парламентот, да се избегне едно девијантно однесување и насилно усвојување на овој закон. Повикувам да се почитува Деловникот, да се отвори амандманска расправа која ВМРО ДПМНЕ ја очекува. Сето останато ќе предизвика реперкусии за оној што ќе ги прекрши законите и за сите што ќе го поддржат во таа постапка, кажа Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Од ДУИ кусо повторуваат дека законот е дел од Охридскиот договор и дека очекуваат да го гласаат сите негови потписници. Премиерот Заев вчера изјави дека очекува оваа недела прашањето за јазиците да биде затворено. Изминативе месеци, според Заев, имало доволно дебата и сега треба да се овозможи донесување и спроведување на Законот, кој ќе овозможи полесно да се разбираме едни со други.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ