
Утре нов обид за двотретинско мнозинство
Утре нов обид за обезбедување 80 гласови за уставните измени. Собраниските клупи во текот на целиот ден останаа празни. Седницата се одложуваше неколку пати. Договор со БЕСА на Касами не се постигна. Остануваат на своите позиции и велат дека нема да гласаат за уставните амандмани доколку не се прифати барањето во делот на државјанството.
Инсистираат наместо терминот ,,македонско“ во документите на албански јазик да пишува ,,од Македонија/граѓани на Република Северна Македонија. Во Законодавниот дом во текот на целиот ден беше присутен и Премиерот Заев со министерот за надворешни работи Никола Димитров. Одржаа неколку работни средби но детали не соопштија.
Се сретнаа и со осумте пратеници на независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ кои на Заев му соопштиле дека доколку се избрише зборот ,,македонско,, државјанство тогаш тие нема да дадат подршка на измените.
Во собрансиките кулоари се говори дека во овој момент е многу тешко да се најде каква било опција и да се постигне договор за давање зелено светло од страна на двајцата пратеници на БЕСА.
Собраниски извори за Телма велат дека се водат преговори и со неколку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ за кои не би требало да биде спорно да го гласаат амандманот со кој се сочува зборот ,,македонското“ државјанство, што беше најголемата придобивка на нашиот преговарачки тим за Договорот од Преспа. Доколку Беса не отстапува од црвената линија, ова тврдат од останатите партии на Албанците би значело и нивен крај на политичката сцена затоа што стратешки интерес е интеграција во НАТО и ЕУ.
Јулијана Пешевска