
Утре ќе се знае кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ
Првиот официјален кандидат за претседател на државата ќе се знае утре. ВМРО-ДПМНЕ на Конвенција во Струга ќе избере еден од деветмината пријавени. Од партијата велат дека главната особина на кандидатот треба да биде честитост бидејќи ќе настапува под слоганот „За честита Македонија“, што треба да значи антипод на случувањата во државата. Секој кандидат ќе добие право на 15-минутна презентација, по што, 551 делегат ќе им пристапат на гласачките кутии.
Изборот може да заврши во првиот круг доколку еден од кандидатите добие најмалку 184 гласа, односно, една третина од вкупниот број. Во спротивно, се организира втор круг со првите двајца, во кој победува оној со најголем број гласови.
Во ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека не протежираат никого и дека сите добиле рамноправна кампања во општинските комитети без мешање на раководството, но јавноста ги прогласи за фаворити професорката Гордана Силјановска-Давкова и пратеникот Владимир Ѓорчев. Првата, велат, е поддржана од партиското претседателство, а вториот, од старото партиско јадро.
Во СДСМ – ништо ново. Партијата балансира меѓу сопствениот избор и консензуалниот кандидат. На огласот за самокандидирање до сега е пријавен само еден кандидат: амбасадорот Ѓорѓи Филипов. Рокот завршува во вторник, но одлуката ќе се донесе дури на Конгресот на 3 март. Во меѓувреме, партијата треба да одлучи дали самата ќе предложи некого, од министерските редови или од непартиските функционери, и, дали ќе добие поддршка од ДУИ. Доколку не се договорат, ДУИ ќе истакне свој кандидат. И ЛДП држи отворена врата за заеднички кандидат, но подготвена е и за самостоен настап.
Претседателски кандидат може да предложат 30 пратеници или 10 илјади граѓани. Собирањето потписи почнува на 23 февруари. Оние што ќе исполнат еден од овие два услова, треба да достават кандидатура до ДИК најдоцна до 21 март и да се подготват за изборна кампања што ќе трае од 1 до 19 април. Подготовките за претседателски избори, како и за локални во Охрид, Дебар и Ново Село се почнати во согласност со Роковникот на ДИК за изборни дејствија.
Соња Николовска