
Утре ќе се преиспитува довербата во Владата
ВМРО-ДПМНЕ очекува на утрешната собраниска седница недоверба во Владата да изразат сите пратеници на кои државните интереси им се поважни од партиските. Уверени се дека такви се повеќе од половината.
Според СДСМ, ова е само изговор за враќање на опозицијата во Парламентот. Велат дека седницата ќе ја искористат за да го потсетат ВМРО-ДПМНЕ на неговите погрешни политики во последните 10 години и на активностите што Владата ги презема за нивно отстранување во овие 10 месеци.
Движењето БЕСА, иако се уште е опозициска партија и има бројни забелешки за работата на Владата, нема да гласа против неа.
Прашањето за доверба во Владата го поставија 41 пратеник од опозициската коалиција поради сомневања дека овој министерски состав нема капацитет за водење на институциите и работи исклучиво за партиски интереси. За да падне Владата неопходни се 61 глас. Со оваа седница, по четиримесечен бојкот, ВМРО-ДПМНЕ всушност се враќа во Собранието. Во четврток ќе учествува во донесувањето на Законот за судовите и на другите реформски закони, од кои, некои бараат двотретинско мнозинство. Сите овие точки, распоредени на неколку различни седници, денеска беа ставени на дневен ред, а потоа одложени за одлучување по враќањето на опозицијата.
Соња Николовска