
Уставните судии молчат за измените во КЗ со кој се бара казни за функционери кои прават штета на буџет
Уставните судии три часа расправаа зад затворени врати за уставноста на членот од Кривичниот законик кој предвидува високи казни за функционерите кои злоупотребиле тендери, со што е направена голема штета врз буџетот.
По состанокот испратија кусо соопштение од кое не може ниту да се насети во кој правец се движела расправата.
На последната седница судиите жестоко се расправале. Судиите Елена Гошева и Јован Јосифовски спореле дали службеното лице може да биде одговорно за набавка за која одлучува комисија, велејќи дека, казната од пет години затвор за ова дело се изедначува со убиство. Осман Кадриу реагирал дека со ова се бара, одредени лица да бидат осудени по секоја цена, а Дарко Костадиновски барал одлагање. Претседателот Сали Мурати, пак, ја бранел тезата дека, во секоја земја злоупотребата на буџетски средства е најголемо кривично дело. Вчера реагираше и министерката за правда, дека работа на уставните судии е да ја оценуваат уставноста, а не да дебатираат за кривични одредби од законот. Иницијативата потекна од адвокатот Еленко Миланов, кој брани поранешни функционери, обвинети во случаи на СЈО. Тврди дека членот е спротивен на препораките на ЕУ и бара да се укине; ако не може да се укине, барем казните да се намалат од 5, на 4 години затвор, а вината да се прераспредели кај пониските ешалони во институциите, односно покрај министрите, дел од одговорноста да сносат и членовите на комисиите за јавни набавки.Со намалување на затворската казна, дел од предметите на СЈО би застареле. Минатата година имаше обид и во Собранието да се укине овој член од законот, но по реакции од јавноста, иницијативата беше стопирана.
Далиборка Демјанска Цветановска