
Уставните измени треба да бидат донесени кон средината на јануари
Најдоцна до 12-ти декември Собранието ќе го изгласа текстот на четирите нацрт-амандмани на Уставот. Во оваа втора фаза се доволни 61 глас. Потоа, Владата има 5 дена за јавна дебата и 2 дена за да ги сумира забелешките, по што, во Парламентот амандманите ќе бидат испратени во форма на предлог. Претседателот на Собранието Талат Џафери вели дека можно е оваа постапка да заврши побрзо бидејќи не е задолжително расправата по секој амандман да трае максимални три дена.
Утрешниот ден ќе даде појасна слика за текот на седницата. Имајќи предвид дека опозицијата не учествуваше во расправата за нацрт амандманите на Комисијата за уставни прашања, и во наредните денови не очекувам некаков сензационализам, вели Џафери.
Конечното изјаснување на пратениците ќе биде околу 20-ти јануари. Владата, која е предлагач, се надева дека за овие амандмани, кои произлегуваат од Преспанскиот договор со Грција, ќе гласаат повеќе од неопходните 80 пратеници.
Веднаш потоа, односно, во последните денови на јануари или првите од февруари, ќе бидат распишани претседателските избори. Ѓорге Иванов нема право да се кандидира бидејќи беше претседател два мандати. Тој се уште не се јавил во Собранието за да договори ден за годишно обраќање пред пратениците. „Ако не го стори тоа наскоро, можно е и да не остане термин за неговото обраќање“, вели Џафери и потсетува дека се работи за право, а не за обврска на претседателот. Од кабинетот на Иванов кусо соопштуваат дека претседателот има намера да ја исполни својата уставна обврска и да се обрати пред пратениците.
Соња Николовска