Уставните измени од утре пред пратениците

Уставните измени од утре ќе се најдат пред пратениците, дознава Телма. Претседателот на Собранието пленарната седница ја закажa за понеделник, но утре ќе почне со работа Комисијата за уставни прашања. Расправата таму може да трае најмногу 10 дена, а пратениците може да говорат повеќепати, но вкупно 20 минути. Претседателот на Собранието, во синоќешното гостување во Топ тема рече дека роковите можат да бидат и пократки доколку дебатата во Комисијата се исцрпи порано.

Пратениците од ВМРО ДПМНЕ не откриваат дали ќе присуствуваат на седницата или можеби ќе бојкотираат. Велат дека ќе ја почитуваат одлуката на партијата, каква и да е, но дека уште не се дискутирало за тоа. Од партијата,пак, не одговорија директно на прашањето, каква е одлуката?.

Со оваа комисија претседава Талат Џафери, мнозинството има и 8 члена, а по еден член имаат Социјалистичка партија, партијата на Србите, како и опозициската БЕСА.  ВМРО ДПМНЕ имаат 5 члена, меѓу кои  се и поранешниот премиер Никола Груевски, како и поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељановски. Тие веќе се изјаснија дека нема да гласаат за уставни измени.

Ако се донесе одлука за пристапување кон измена на Уставот, Собранието со заклучок утврдува рок во кој подносителот на предлогот треба да изготви текст на нацртот на амандманите. Измените се носат во пет фази, а за целата постапка се потребни околу 100 дена. Најоптимистичката варијанта, доколку се обезбеди двотретинско мнозинство е дека се ќе заврши до средината на јануари.

Далиборка Демјанска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ