Уставните амандмани без суштински измени

Петдневната јавна расправа не донесе суштински измени во амандманите на Уставот. Во финалната верзија, што е веќе доставена до Собранието, одлуките на АСНОМ ќе бидат со ново име, како  „правните одлуки кои се наведени во Прогласот на Првото заседание„. Во  предлог-амандманот 36, пак, им се излегува во пресрет на барањата на опозициските партии на Албанците, во делот што се однесува на грижата за дијаспората да се вметнат и заедниците.

Амандманот што се однесува на промената на името на државата во Репулика Северна Македонија, останува ист како што беше и во предложениот нацрт. Ист е и текстот на амандманот 35, кој гласи „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави“. На десетина учесници во јавната расправа, кои изработиле и стручен труд, владата им исплатила хонорари.

Владиниот портпарол е убеден дека и во Грција постои мнозинство за ратификација на Договорот од Преспа, но тој првин мора да се изгласа во македонскиот Парламент. Денеска, пак, коалицискиот партнер во грчката Влада и министер за одбрана, Панос Каменос, изјави дека нема да чека Договорот од Преспа да стигне во грчкиот Парламент, туку штом поминат и завршат процедурите во македонското Собрание, ќе си поднесе оставка и ќе се повлече од Владата.

Предлог-аманданите прво ќе ги разгледуваат членовите на собраниската Комисијата за уставни прашања, на седница закажана за 17 декември. Процесот на донесување на уставните измени кои произлегуваат од Договорот од Преспа се очекува да заврши кон средината на наредниот месец, а проценките се дека, откако се усогласи текстот на законот за амнестија, не би требало да има проблеми со обезбедување на двотретинското мнозинство. Опозициската ВМРО ДПМНЕ деновиве немаше коментар з аизмените, освен за јавната дебата што ја нарече-фингирана.

 

Далиборка Дамјанска Цветановска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ