
Пратениците нема повторно да седнат во пратеничките клупи
Пратениците нема повторно да седнат во пратеничките клупи. Собранието останува распуштено, а нов состав ќе се добие само по одржување на парламенратни избори. Уставниот суд на денешниот колегиум ја одби иницијативата на судијата Осман Кадриу, повторно да се оценува уставноста и законитоста на иницијативата за распуштање на Собранието.
Судијата Кадриу на крај и самиот гласал да се отфрли неговиот предлог. Но, не одговори на нашите повици да појасни зошто во меѓувреме се предомисли. Претходно, на седница, уставните судии ја отфрлија и иницијативата за оценување на уставноста на првата одлука на претседателот Стево Пендаровски за прогласување на вонредна состојба на територијата на целата држава. Одлуката беше донесена на 18 март, а заврши на 16 април. Заедничка оценка била дека иницијативата е беспредметна затоа што оваа одлука веќе не е во сила.
На 16 април Пендаровски донесе нова одлука за утврдување на вонредна состојба во земјава која трае до 16 мај, за која, исто така е покрената иницијатива за оценка на уставноста. Но, за тоа, дали ќе се постапува по оваа иницијатива, судот ќе одлучува на некоја од наредните седници.
Дополнително ќе се одлучува и кога ќе се оценува уставноста на владините уредби, за кои се оформени предмети.
Отфрлени се и иницијативите на група граѓани за оценување на уставноста на детални урбанистички планови во општините Центар и Ѓорче Петров.
Далиборка Демјанска