Уставниот суд не го попречи Референдумот

„Нема елементи за интервенција на Уставниот суд“. Вака ја оценија Одлуката за распишување референдум седум од вкупно девет судии. Велат дека референдумското прашање е сосема погодно за да се консултира мислењето на граѓаните.

-Референдумското прашање е јасно, релевантно и секој може да го разбере. Треба да ги консултира граѓаните за три прашања кои меѓу себе се во причинско-последична врска: Договорот од Преспа, интеграцијата во ЕУ и во НАТО, рече Дарко Костадиновски, уставен судија.

            Целта на Референдумот е во образложението на одлуката. Ништо не е проблематично, па ни видот на референдумот: може да биде само консултативен, смета мнозинството судии.           

-Нашиот Устав уредува кога референдумот е задолжителен. Предвидени се три такви случаи: за стапување во сојуз или заедница со други држави, за истапување од сојуз или заедница и за менување на границите. Ова не е таков случај, истакна Осман Кадриу, уставен судија.

            Сосема спротивно мислење има судијата известител Елена Гошева. Истакна повеќе неусогласености на Одлуката со Уставот, побара поведување постапка и изрекување времена мерка со која ќе се стопираат сите активности поврзани со референдумот.

-Референдумското прашање е стапица. Тоа е двосмислено и овозможува осум различни одговори. На граѓаните им се импутира дека го признаваат Преспанскиот договор, а тој де јуре не постои и е ништовен, вели Елена Гошева, судија-известител

Гошева доби поддршка само од колегата Јован Јосифовски. Расправата ја следеа и двајца од тројцата подносители на иницијативите: Светскиот Македонски Конгрес и Левица. Од Судот излегоа незадоволни и уверени дека врз судиите бил извршен надворешен притисок.

За време на расправата, пред Судот се собра мала група приврзаници на ставот „бојкотирам“, кои им порачаа на судиите да бидат независни и да судат според совеста.

Соња Николоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ