
Уставен ќе преиспитува член од закон со кој се обвинети десетици од СЈО
Уставниот суд има предмет за оценување на уставноста на членови од Кривичниот законик кои се однесуваат на делото Злоупотреба на службената положба од став 5. Иницијативата во септември ја поднел адвокатот Еленко Миланов, кој брани повеќе обвинети во предметите на СЈО, но тој денеска не сакаше да открива зошто поднел ваква иницијатива до Уставниот суд. Образложението јавноста ќе може да го слушне на седница на Уставниот суд, вели адвокатот.
Предметот се наоѓа во претходна постапка велат од уставен. Детали не откриваат, но објаснуваат само дека оспорени се 2 конкретни членови од законските измени на КЗ од 2004 и 2009. Со првите измени се воведува ставот 5 во членот 353 а со вторите измени се зголемува затворската казна од најмалку 4 години на најмалку 5 години затвор.
Ако се анализираат обвиненијата на СЈО може се забележи педесетина обвинети во 11 предмети, Јанева ги гони за кривичното дело злоупотреба на службената положба од став 5. Меѓу нив се и поранешните функционери и министри Миле Јанкиевски во „Топлик“ и „Траекторија“, Јанкуловска во „Тенк“ и „Таргет“, Мијалков во „Трезор“, Канчевска Милевска во „Тендери“.
Портпаролот на СДСМ вчера на пресконференција обвини дека бранителите на експремиерот Никола Груевски поднеле иницијатива за испитување на уставноста на членови од Кривичниот законик, нарекувајки го очајнички обид за амнестија на Груевски и неговите соработници. Попладнето преку фејсбук се огласи Груевски одговарјки дека против него нема обвинение за член 353 став 5 кое се однесува на злоупотреба на службена должност, поврзано со јавни набавки или штета на буџетот.
Но ова не е прв пат во јавноста да се говори за промени на членот 353 од КЗ. Летоска за време на лидерската средба, медиумите објавуваа дека опозицијата барала намалување на затворските казни за делото злоупотреба на службената положба, што беше протолкувано како можност да застарат делата против дел од обивнетите од СЈО. Од опозицијата објаснуваа дека измените се предлагаат со цел да се се прецизира делото за да нема прешироко толкување и недоречености.
Елена Ивановска Мукоска