
Условите за работа главна пречка за ефективна и ефикасна работа на ДКСК
Условите за работа во период од седум месеци не се променети, а се уште не е направено електронското поврзување со 17-те институции за поддршка за побрзо ефикасно и ефективно работење на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Тоа е резултат односно слика на тромоста на нашите институции, заклучи претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска на денешната презентација од Здружението на граѓани „Транспарентност Македонија“ на првиот квартален извештај за следењето на работата и постигнувањата на ДКСК, со оценка за ефикасноста и транспарентноста.
На новинарско прашање каде е сржта на корупцијата, таа рече дека секој е носител повеќе или помалку на некаква коруптивна мисла или на некакво барање или очекување.
– Сакате изборна корупција, еве ги привилегиите, дали е тоа на пратеници, дали на поранешни претседатели. Секој од нас треба самиот со себе да расчисти дека нема да плати за никаква услуга, ако другата страна нема да побара затоа што тоа му е работа да го направи. Тоа е основата. Кога ќе се зачува личниот интегритет тоа е првата гаранција дека ќе се зачува институционалниот интегритет, порача Ивановска.