Условена поддршка за кратењето на парите на партиите

Сите министри, заменици, генерални секретари и останати избрани и именувани лица да работат бесплатно до крајот на мандатот. Дури тогаш техничкиот министер од ВМРО-ДПМНЕ ќе даде поддршка за укинување на годишното финансирање на партиите за оваа година. Условената поддршка ја најави партискиот претседател,  кој претходните денови постојано предлага мерки за справување со кризата.

Социјалдемократите ќе го поддржат предлогот кој министерката Рената Дескоска го најави на фејсбук, дека со уредба со законска сила ќе се укине годишното финансирање на политичките партии за годинава.

Од ДУИ не добивме одговор на прашањето, дали за нив е прифатлива одлуката на Дескоска, а нема изјаснување ниту од помалите партии.

Од Алијанса за Албанците велат дека, ќе ја почитуваат уредбата.

Политичките партии добиваат 0,15 отсто  или 4 ипол до 5 милиони евра од државниот буџет. Покрај тоа, се предвидуваат уште 280.000 евра за годишно финансирање на истражувачко-аналитички центри на партиите.

Минатата година, пари од буџетот добија вкупно 39 партии.Најголем дел од колачот добија СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Владејачката партија доби 1.180.000 евра, а најголемата опозициска партија 1.025.000 евра. На третото место според исплатената сума е ДУИ со 441.000 евра, а далеку зад нив се БЕСА со 255.000 евра. Алијанса на Албанците добиле 245.000 евра.

Дел од парите добиле и помалите партии кои се дел од коалициите со големите партии. ГРОМ на Стевчо Јакимовски добиле 136.000 евра, аСојузот на Ромите на Амди Бајрам 116.000 евра. Социјалистите на Ѕинго земале нешто помалку односно 81.000 евра.

ЛДП искеширале 63.000 евра, НСДП 58.000 евра а ДОМ 54.000 евра.

Дел од партиите кои добија пари немаат пратеници, ниту пак советници, но освоиле доволен процент гласови за да влезат во распределбата на парите од буџетот. Левица партиципира со 94.500 евра, Партијата на обединети демократи 24.000 евра Партијата на обединети пензионери добиле 20.000 евра а Партијата на Власите со 11.800 евра.

Од парите за партиските истражувачко – аналитички центри, најмногу пари треба да добие ВМРО-ДПМНЕ 91.000 евра. Веднаш по нив се СДСМ со 85.500 евра, ДУИ со 74.300 евра и БЕСА со 68.700 евра.

Далиборка Демјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ