Условена поддршка на помалите партии за СЈО

СЈО да продолжи да работи како посебен орган е главното барање на БЕСА и Алијанса за Албанците, за да дадат поддршка за законот за јавно обвинителство. Бараат и бомбите да продолжат да се користат како докази во постапките, затоа што сметаат дека СЈО не ја исполни целта и за изборен криминал казни само претставник од албанската опозиција. Начелно го поддржуваат законот, но сметаат дека треба да се даде пример со казни и за сегашни функционери кои ја злоупотребиле службената должност.

Од БЕСА ќе поднесат и амандмани на законот.

За министерката за правда, барањето на овие партии за самостојност на СЈО е веќе дел од законот, со кој се предлага тоа да функционира како посебен орган, иако ќе биде дел од Јавното обвинителство. Околу користењето на прислушуваните разговори како докази, ќе има дополнителни консултации, но законот предвидува, после рокот од 18 месеци, тие да се користат како индиции за прибирање на други докази со кои ќе се оди на суд.Лично ги разгледала и амандманите што ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ, а кои опфаќаат три групи на прашања: статусот на СЈО, доказите и судските постапки кои се водат во моментов, како и  други прашања во рамки на законот. Но, потенцираше дека и препорака од ЕУ е,  СЈО да биде посебно обвинителство, а не да се претопи. Се надева на решение што ќе добие позитивна оценка од Брисел.

Владата ќе бара поддршка и од осумтемина пратеници од независната пратеничка група. Спикерот Џафери,пак, најави дека, и ако партиите се договорат за СЈО, нема да закаже собраниска седница за време на претседателската кампања. На утринското кафе со новинарите рече дека формално нема забрана за седница, но тој нема да го стори тоа затоа што пратениците ги злоупотребуваат таквите седници за кампања.Ако партиите ги надминат разликите, нема проблем да закаже седница на 6-ти мај, кога ќе бидат завршени изборите.Но, Дескоска изјави дека, препорака и од ЕУ е, овој закон да биде донесен во најкус можен рок, бидејќи се затвора извештајот за напредокот на нашата земја.

Далиборка Демјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ