Уште не влезени во владата новите партнери бараат име со мултиетничка одредница

Новиот владин коалиционен партнер, Африм Гаши, кој се уште не е ни официјално влезен во власта, јавно излезе со став дека името на државата треба да го одразува нејзиниот мултиетнички карактер. На дебата во организација на ЦИВИЛ, вели дека има чувство дека македонската заедница како најголема и најважна, по ова прашање се однесува игнорантски кон другите заедници.

Гаши не го коментира предлогот Република Илинденска Македонија, на кој владата се уште инсистира, затоа што смета дека нема смисла да се коментира нешто што веќе е одбиено од грчката страна. Вели дека мора првин дома да се   постигне усогласеност околу името, па потоа да се навлезе подлабоко во спорот, затоа што, доколку не се решат внатрешните дилеми, тешко ќе оди и решението со Грција. Од Бугарија, пак, стигна порака дека за нив е најдобро решение Република Вардарска Македонија.

Вигенин е оптимист дека спорот ќе се реши до крајот на јуни. Но, без оглед на епилогот од преговорите, опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека  ќе бара предвремени парламентарни избори, меѓу другото и поради позициите на владата за кои велат дека го загрозиле целиот преговарачки процес.

Токму јуни, кој се најавува како клучен за евроатлантските процеси, ВМРО-ДПМНЕ ќе го почнат со голем митинг пред платото на владата, против политиките на СДСМ.

Далиборка Дамјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ