Уште 8 медицински лица позитивни на Ковид-19

Уште 6 медицински лица во кумановската болница се заразени со ковид 19. Денешните резултати од тестирањата направени во понеделник се готови и е утврдено дека тројца од одделението за хирургија, и по еден медицинар од Гинекологија, од болничката лабораторија и од одделението за уво, нос и грло се позитивни.

Со денеска потврдените случаи во оваа болница вкупно досега има заболено 40 лекари, сестри и друг медицински персонал. Размислуваме да ја сведеме работата на минимум освен на инфективното одделение каде колегите се исцрпени поради големиот прилив на пациенти, ни изјави телефонски директорката на болницата во Куманово Снежана Захариева.

Уште седум други здравствени работници кај матичните лекари и во кумановскиот здравствениот дом се исто така заразени. Денешните резулати се всушност од брисевите земени уште во понеделник. Заболените оттогаш биле во изолација. Се` уште се чекаат резултатите од уште дваесет тестови на медицински лица од кумановската болница, чии брисеви се земени пред една недела.

За првпат позитивни здравствени работници се регистрирани и во Велес. Се работи за медицинска сестра во Инфективното одделение и една  од службата за итна помош.

Вработената во службата за итна помош објави дека е во изолација веднаш по нејзината интервенција кога се посомневала дека е заболена од КОВИД-19, по што со тестирање и било констатирано дека е позитивна. Тврди дека, од тој момент до денес  е дома 12 дена, без никаков контакт ниту со фамилијата и без симптоми.

Според податоците на Институт за јавно здравје, досега се заразени 117 здравствени работници. Позитивни на корона вирусот има во болниците во Скопје, Штип, Куманово, Дебар, Кавадарци, Битола, Прилеп, Охрид, Демир Хисар, Гостивар и Тетово.

Далиборка Демјанска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ